Психолошка помош

Психолошкото советувалиште за млади и родители е опремено да пружа психолошка помош и поддршка на деца и млади на возраст од 7 - 29 година,  на нивните родители, како и на останати возрасни во улогата на старател, наставник и воспитувач.

Кој има потреба од психолошка помош

Сите деца и млади кои во услови на недоволна, или несоодветна поддршка чуствуваат напнатост, страв, неадекватност или нерасположение, што се препознава во нивното однесување, проблемите со учењето, тешкотиите на прилагодување, или во повлекувањето од семејството, врсниците и училиштето, како и во практикување на ризични однесувања, можат да бидат корисници на услугите на психолошкото советувалиште. Доколку се тие жртви /сведоци/ на насилство и дискриминација, и минуваат низ исклучително тешки, трауматски искуства, или периоди од животот, потребата од психолошка помош и поддршка е особено важна. 

Ранливи категории млади - Помошта е обезбедена и бесплатна за најранливите групи деца и млади - жртви на насилство и дискриминација: ЛГБТИ младите, социјално исклучените, сиромашните, девојчињата - жртви на партнерско насилство и децата - жртви на сексуално злоставување и семејно насилство.[1]       

Цел на помошта

Зајакнување и подобро справување со чувствата на вознемиреност, страв и несигурност во услови на инцидентни или долготрајни кризи, како и намалување на психосоцијалните последици од трауматските искуства врз здравјето и добросостојбата на младите. 

Како се пружа помошта

На проблемите им се приоѓа како на неразрешени животни искуства во зададен контекст и време, а не како на дијагностички категории. Притоа фокусот е на детските ресурси и потенцијали за учење и развој наместо на слабости и грешки. Психолошкото советување претпоставува активно вклучување на детето /адолесцентот/ и родителот во процесот на помагање - истражување на состојбите, преиспитување на меѓусебните релации, откривање на личните значења и градење здрави, алтернативни избори. Од тука, чувствителноста за детските развојни потреби и права, и проценката на детските специфични потреби, како и истражувањето на стиловите на одгледување и воспитување, како дел од културата, се основни претпоставки на успешноста во работата.

Справувањето со чувствата на губиток и тага по преживеана траума се дел од психолошката интервенција. Новите релации на доверба, намалување на напнатоста и зајакнување на младите да се справат со чувството на беспомошност, се првите чекори во градењето нови искуства на контрола врз сопствениот живот, во и надвор од семејството. Семејството, училиштето и заедницата, каде што живеат и учат младите, се интегрален дел од интервентната програма за психолошка помош и поддршка. 

Како се работи

Работата е организирана, индивидуално, во парови, или со целото семејство, во траење од 6 – 8 средби, еднаш неделно. Следењето на состојбата може да бара уште 2 до 4 средби, еднаш месечно, а некогаш и подолго. Консултациите траат од 1-2 средби. Психолошката помош се дава и во форма на кризна или пост-трауматска интервенција на поединци, или групи, по преживеана индивидуална или колективна траума. /несреќа, злоставување,  загуба и сл./ 

Кој работи

Психолошкото советувалиште го водат компетентни стручњаци во областа на менталното здравје, психолози со хуманистичка ориентација, со трансакционен, бихевиор, и/или социјално терапевтски пристап. Доменот е превенција, рана и пост-трауматска интервенција, засновани на долгогодишно искуство во работата со млади, особено со ранливи групи млади.

[1] Психосоцијалната помош и поррдшка на ранливите групи млади е подржана од страна на Коалицијата „Маргини“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Северна Македонија.

Работно време[1]:

15.00 - 19.00 – секој работен ден.

Закажување по телефон:

10:00 -13:00 – секој работен ден

Адреса на советувалиштето:

Бул. Партизнаски Одреди 23, 1-3, Скопје

За повеќе информации

info@cpca.mk

(02) 3298 238

[1] Во услови на ковид-19, Соватувалиштето работи онлајн – делумно, или целосно, на неодредено време.

Информирај се за проектите на центарот или закажи термин во нашето советувалиште за млади


Контакт