За ЦПКА

Професионална Aгенција за психосоцијална помош и поддршка на поединци, групи и организации погодени со продолжени кризи во заедницата.

20

години искуство

Непрофитна професионална агенција за психосоцијална помош и поддршка на поединци, групи и организации погодени со продолжени кризи во заедницата.  

Центарот е формиран 1999 година како одговор на потребата од стручна и организирана психо-социјална помош пред се на децата и младите, но и на семејствата, училиштата и локалната заедница кои под влијание на брзи промени ја губат својата примарна функција - грижата и заштитата на своите членови.

За време на војните во регионот Центарот организира професионалци, студенти и волонтери во акции за поддршка на децата и семејствата бегалци, како и на училиштата и институциите погодени од конфликтот. Во услови на акутни кризи, Центарот работи на проекти што ја организираат заедницата во мрежи на соработка, ги зајакнува и охрабрува членовите на овие заедници да се поврзуваат околу заеднички идеи и решенија за доброто на сите.

Како резултат на богато истажувачко и практично искуство во домените на: учењето за развој, детските права, унапредување на здравјето и психосоцијалната и пост-трауматска интервенција, Центарот прераснува во непрофитна агенција за психолошка помош и поддршка на ранливи групи млади, жртви на насилство, дискриминација и нееднакво учество, вклучително ЛГБТИ младите, и по кој било друг основ различни, и маргинализирани млади.

Центарот соработува со државни, регионални и меѓународни организации и институции истражувајќи ја улогата и позицијата на децата и младите во оштеството. Преку развој на концепти и стратегии за подобри услови и повеќе можности за младите, ЦПКА иницира акции за унапредување на правата на детето во доменот на слободите, учеството и еднаквоста во образованието, здравјето и социјалната заштита.

Центарот е член на повеќе меѓународни мрежи, меѓу кои највлијателна е асоцијацијата на ХБСЦ истражувачи од 48 земји, организирани околу „Студијата за однесувањата поврзани со здравјето кај децата од училишна возраст (HBSC - Health Behavior in School Aged Children Study –WHO collaborative Study), во соработка со СЗО.


Програмите, проектите и активностите на Центарот се насочени кон унапредување на менталното и емоционалното здравје и поттикнување на психосоцијалниот развој на децата, младите и заедницата преку зајакнување на нивните позиции и компетенции за делување.

Центарот помага во проширување на свеста на заедницата за човековите и детските права, како и за потребата од повеќе избори за младите и другите маргинализирани групи, во општеството. Истовремено, преку вклучување на младите во непосредни акции, Центарот го развива својот „заснован на младите - модел“ на политички промени. Во тие рамки активното и компетентно учество на децата во новата улога на граѓани-креатори на здраво, демократско, мултикултурно општество, стануваат претпоставка за остварување на визијата за здрав развој на целата заедница.


Концептуална рамка

Концептуалната рамка на ЦПКА се потпира врз социо-културните развојни теории со хуманистичка ориентација и мултидисциплинарен, мултисекторски пристап кон проблемите. Во приодот кон децата и младите, Центарот се залага за нивно рамноправно учество во процесите на одлучување, грижата за лично здравје и унапредување на заедницата. Притоа во фокусот на центарот се секогаш најранливите, маргинализирани поединци и групи, нивното зајакнување и менување на нивното место и позиции во заедницата, преку зголемување на инклузивноста и почитување на правата на еднаквост и недкискриминација во заедницата.

Во услови на акутни кризи во заедницата ЦПКА работи на проекти што организираат стабилни мрежи на соработка помеѓу поединци, групи и организации од повеќе националности, култури и социјални слоеви. Непосредна задача на Центарот е да помогне во зајакнување на членовите на таквите заедници да ги идентификуваат проблемите, да ги артикулираат потребите и да соработуваат во одлучувањето за доброто на заедницата.


Стратешките цели на Центарот се врзуваат за развој и унапредување на:

Едукативно - апликативна база во областите: психосоцијална и кризна интервенција; ментално и емоционално здравје; детски права; образование за развој и здравствено образование; психологија на траумата; психологија на заедницата итн.

Истражувачки капацитети и формирање бази на податоци за следење на здравјето и добросостојбата на децата и младите, со цел учество во креирањето политики, стратегии и акции за заштита и унапредување на правата и здравјето на сите деца.

Релации и мрежи на соработка со локални, регионални и меѓународни центри, организации и институции (владини и невладини), за грижа и унапредување на правата и здравјето на децата и младите.

Информирај се за проектите на центарот или закажи термин во нашето советувалиште за млади


Контакт